follow us

СОВЕТИ ЗА СТИМУЛАЦИЈА НА ГРАФОМОТОРИКАТА КАЈ ДЕЦАТА!

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Графомоториката е способност за држење на молив и пишување. За да може детето успешно да ја совлада вештината на пишување, тоа прво мора да помине низ целосен моторен развој кој започнува најпрво со развој на груби моторни вештини: седење, ползење, одење, качување, трчање, игри со топка. Потоа овој процес продолжува со развој на фини моторни вештини на дланките и прстите. За да имаме комплетен развој на моториката потребно е детето да е опкружено со разни форми и конструкции, стимулативни предмети и материјали. 
Секојдневните активности за кои можеби не сме ни свесни дека се поврзани со пишувањето имаат круцијална важност во развојот на графомоторните вештини. Aктивности како што се облекување, откопчување и закопчување копчиња, врзување чевли, прелистување книга, вклучување во кујна и подготовка на храна, се од непроценливо значење, посебно кога му е дозволено на детето да стори сé што може и сака САМО, а возрасните помагаат кога детето навистина не може да го направи тоа без нивна помош. 
Со графомоторните вежби детето развива внимание и концентрација, ориентација, говор, спознавање. Претходно усвоените движења се користат во нови ситуации и размислувања.
Ако забележите дека вашето дете нема интерес за држење на молив, цртање и пишување по сопствена иницијатива,  можете да му понудите разни активности како што се:
  • Цртање на вертикални големи површини, не бел обичен лист (табла или хартија во боја залепена на ѕид, прозорец).
  • Цртеж со показалецот на песок или брашно.
  • Нижење перли.
  • Сликање со различни материјали (пастели, фломастери, акварели и четки, темпера и сунѓери, креда, прсти, стаклени бои) и на различни подлоги (картонски кутии, стакло, бетон, парчиња дрво, топчиња од стиропор).
  • Редење на сложувалка.
  • Обликување на разни форми од пластелин.
  • Сензорна кутија исполнета со зрнести материјали (да пронајде одреден предмет во неа).
  • Вметнување сламки или стапчиња во мал отвор или глина.
  • Со помош на пипета, детето префрла капка по капка вода од една чаша во друга. Со ова се развива сила на прстите и координација на движење.
Воздржете се од тоа да го поправате она што детето го направило или да ги исправате неговите грешки. Со тоа само ќе го обесхрабрите па следниот пат нема ни да се обиде или ќе работи колку да се каже бидејќи ќе знае дека вие и онака ќе го завршите она што го почнало. Форсирајте пофалба и афирмативен говор со децата, тоа е неопходно за градење на добра и здрава слика за себе.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.