follow us

Допири и самостимулација на половите органи во детството (инфантилна онанија)

Во детството, во склоп на психо-сексуалниот развој, допирите на своите полови органи, односно повремената самостимулација се универзална, нормална и очекувана појава кај децата. Таа не треба да предизвикува чудење, загриженост, страв, а особено не агресивна реакција со закани и казна од страна на родителите, бидејќи станува збор за инфантилна онанија. Што тоа би значело?
Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

 

Во детството, во склоп на психо-сексуалниот развој, допирите на своите полови органи, односно повремената самостимулација се универзална, нормална и очекувана појава кај децата. Таа не треба да предизвикува чудење, загриженост, страв, а особено не агресивна реакција со закани и казна од страна на родителите, бидејќи станува збор за инфантилна онанија.

Што тоа би значело?

Детето прво случајно, осознавајќи се себеси и своето тело, го открива задоволството од допирот и стимулацијата на своите гениталии и релаксацијата која следи. Некогаш тоа осознавање, се случува и од родителските допири и при нормалното одржување на хигиената. Често започнува несвесно, но може да продложи понатака како свесна и намерна активност кај детето, но не одвивајќи се на начин и со цел како што тоа се одвива и прави кај адолесцентите и возрасните лица. Ова е појава која подеднакво се случува и кај момчињата и кај девојчињата, иако постои стереотип дека тоа е активност покарактеристична за момчињата. Малото дете, не разбирајќи ја во целост својата активност, може да ја прави и во јавност, односно во секое време и на секое место. Во тие случаи реакцијата на родителите е исклучително многу важна.

Забраната на оваа активност и прекорот може да донесат свои последици, односно да направат фиксации во конкретниот развоен период. Строго не се препорачани и пожелни реакции и закани од типот: „Како не ти е срам?!”, „Тоа е безобразно и одвратно!”, „Тоа никогаш не смееш да го правиш!’’ и слични прекори. Овој начин може да предизвика анксиозност, страв и трајни интроектирани забрани, како и интензивно чувство на вина кај детето, кои може да имаат негативно и инхибиторно влијание на понатамошниот нормален психо-сексуалниот развој. Строгиот прекор и забрани, во некои случаи може да создадат интернализирана пречка и свесна или несвесна психолошка блокада, која би довела до потешкотии во контактот со себе и запознавање на сопственото тело, самозадоволувањето и задоволувањето на природните сексуални нагони со партнер во иднина, секако кога ќе дојде соодветниот животен период и возраст за зрела сексуалност и зрело сексуално однесување.

Исто така, пресилна и преостра реакција со повишен тон и шок кај родителот, без објаснување и со строга забрана, може уште повеќе да го разгори интересот на детето за оваа забранета активност за него.

Како што претходно напоменав, оваа активност е нормална кај децата и најчесто започнува како дел од фазата на осознавање и љубопитно истражување на телото и доживување задоволство, а некогаш се јавува и при досада, осаменост, недостиг на внимание и љубов или потреба за релаксација и ослободување од стрес и анксиозност кај детето. Во некор случаи, преголемата строгост кај родителите или преголемиот притисок во секојдневието, исто така може да се извори на стрес и да се интензивира оваа активност со цел да се добијат убави чувства.

Во која форма се јавува?

Покрај директни допири со рака, се јавува во форма на триење на нозете една од друга, клацкање на коњче, седење на точак, јавање на јастуче, стимулација со водата од тушот при бањање, лежење на стомак и триење од креветот или разни предмети и тн. Зацрвенување и потење се нормален след и физички реакции на оваа активност кои родителите ги забележуваат.

Исто така, децата на возраст до 4-5та година уживаат да трчаат голи, и покажуваат интерес и за гениталиите на своите родители и да ги набљудуваат кога се соблакаат. Неретко, во подоцнежната возраст, се случува допирите на своите гениталиите да се прават и заедно со другарчињата. Покажување на гениталиите, споредување и интерес кон гениталиите од спротивниот пол, па дури и меѓусебни допири и бакнување, се исто така забележлива појава во овој период. Истите, се често манифестирани низ игрите „Семејство’’ во кој едниот ја игра улогата на мајката, другиот на таткото, играта „Доктори’’ во која се прегледуваат и тн.

Но, треба да се напомене и дека децата учат по пат на имитација, и ненамерно сведочење на сексуален однос на родителите, несоодветна содржина или реклама од интернет или филмска сцена, може да бидат некогаш и првиот пример кој се имитира. Притоа, дел од нив, најчесто поголемите деца веќе од школска возраст, по извесно време оваа активност почнуваат да ја прават сами и се затвораат во соба или тоалет.

Имено, психо-сексуалниот развој на децата се дели на повеќе фази кои си носат свои развојни карактеристики и различни начини на однесување кои е пожелно и добро да се знаат. Тоа се орална, анална и фалусна фаза кои се до шестата година од животот, па со почетокот на школскиот период следи еден латентен период, по кој со почетокот на пубертетот започнува  гениталната фаза од развојот.

Како да постапите?       Кога ќе го забележите вашето дете, најпрво само насочете му го вниманието на друго место и посветете му малку повеќе време и контакт со него. Тоа може да е играчка или некоја појава која ќе го заинтересира. Особено ако тоа се случува во јавност. Тогаш вашите постапки и зборови внимателно ќе треба да го насочат дека тоа не е нешто што се прави пред сите, но не со строга осуда, силен прекор и срам од него! Притоа, советувам постапките да не се прават строго и бурно, бидејќи така може да се добие и спротивен ефект од посакуваниот. Доколку одвлекувањето на вниманието кога сте во јавност не ви успева, спонтано тргнете го кратко на страна и со смирен и топол говор потсетете го на важноста на приватноста и интимата.

Тоа ќе биде успешно, особено ако детето од претходно е запознаено со некои основни работи врзани во однос на телесните допири и интимните делови од телото. Затоа е многу важна психо-сексуалната едукацијата кај децата, разговорите со нив. Уште од најраните години, после првата година при бањањето учејќи ги телесните органи, родителот може да го научи детето кои делови од телото се интимни. Значи, овие разговори не треба да се табу и овој тип едукација на децата не треба да започнува во пубертетот, туку порано, согласно потребите и развојот на детето и подготовка за фазите кои следат. Особено поради ерата на технологијата во која живееме и поради достапноста на интернетот и секаков тип на информации, разговорите со родителите треба да се први, основни и задолжителни. Притоа, одговарањето на прашањата на детето правете го без срам и притеснување, кажувајќи ја вистината, секако адаптирана на возраста со соодветни зборови, изрази, фрази кои им се разбирливи. Овој период треба секој родител да го учи своето дете и за тоа кои допири и каде се дозволени, кога, со кого и секако дека без дозвола никој не смее да го допира, особено по интимните делови. Едукацијата треба да биде секојдневна, не е тоа само еден разговор. Таа е континуиран процес, фаза по фаза, и затоа родителот треба да е запознаен со развојните процеси и отстапувањата, со цел навремено да реагира. Подготвеноста за отворена и искрена дискусија кај родителот, ќе направи и детето секогаш да е отворено и да има слобода, без стеги да поставува прашања и да учи.

Кога би побарале стручна помош?       Доколку сакате да се информирате повеќе за сите развојни фази и карактеристиките за секоја од нив, развојните отстапувања и се она што ве загрижува во однос на целокупниот развојот на вашето дете. Но, и доколку забележите дека онанијата, односно гениталната самостимулацијата е премногу честа, наликува дури на компулсивно однесување или преизразена навика, бидејќи тогаш може да е сигнал дека детето е многу анксиозно и под стрес, па ја користи премногу со цел растеретување и релаксација. Секако треба да се најдат причините за истото и да се третираат. Друг случај за стручна помош е кога детето форсира друго дете на некакво однесување од овој тип. Исто така, секако дека треба да се побара помош ако има некакво друго, нетипично отстапување и однесување, особено ако има сомнеж и индиција кај родителот дека онанијата може да е резултат на научено однесување од несоодветна личност и имало некаква сексуална злоупотреба врз детето.

 

Авторски текст објавен на Деца.мк

 

Disclaimer:

When sharing and citing whole or part of a published content from this website, it is compulsory to credit the author and the source of the content.
The published content is for psycho-educative purposes only.
For tailored professional assessment and treatment, please contact a mental health professional.

* The published content is for psycho-educational purposes, and for a professional assessment and treatment, contact a professional in the field of mental health.
Mandatory marking of the author and the source, when downloading and quoting the published contents.