Дислексијата е специфична потешкотија во учењето која има невробиолошко потекло коешто се карактеризира со тешкотии во правилно и флуентно препознавање на зборовите, проблеми во спелувањето и проблеми со способности за декодирање. Потешкотијата кај децата со дислексија потекнува од неможноста да се воспостави конекција меѓу гласовите и пишаните симболи-буквите. Дислексијата е состојба при која мозокот различно ги процесира говорниот и пишаниот јазик.
Улогата на родителот е од есенцијална важност во поддршката на детето со дислексија. Постојат голем број на активности кои родителите би можеле да ги изведуваат со цел да му помогнат на своето дете:
-
Слушајте аудио книги и оставете го вашето дете да чита со нив.
-
Бидете сигурни дека детето поминува некое време читајќи само, тивко и гласно.
-
Прочитајте ги омилените книги неколку пати, на тој начин ја зголемувате самодовербата на вашето дете кога е во прашање учењето.
-
Наизменично читајте на глас, тоа можеби да биде некој текст со интересна содржина, на тој начин детето создава позитивна слика за себе.
-
Зборувајте за приказните што ги читате заедно и поставувајте прашања од типот: „Што мислиш дека ќе се случи следно?“
-
Обидете се домашните задачи да се спроведуваат во средина која е соодветна на стилот на учење на детето. Ако детето преферира музика, тогаш дозволете да учи со музика.
-
Направете визуелен распоред за извршувањето на обврските во текот на денот.
-
Охрабрете го вашето дете да се занимава со активности во кои ужива. Дозволете му на детето да избере активност што не вклучува пишување и читање, без разлика дали станува збор за музика, цртање или некој спорт.
-
Помогнете му на детето да развива сопствени стратегии за учење.
-
Доколку забележите дека детето е премногу под стрес поради учење, се соочува со ниска самодоверба, задолжително побарајте помош од стручни лица и во никој случај не го игнорирајте тој проблем.